За Проектот

Проектот “Деловниот еко-систем како интегриран систем”, со акроним Be In (Business eco-system as an integrated system), финансиран од Европската унија преку програмата за меѓугранична соработка “ИНТЕРРЕГ ИПА Грција-Република Северна Македонија 2014-2020”, е во фаза на имплементација, од страна на четири проектни партнери: Регионот Централна Македонија од Грција, како водечки партнер, Центарот за истражување од Универзитетот Македонија, исто така од Грција, Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, преку Економскиот факултет и Центарот за развој на југоисточниот плански регион од Струмица.

Основната цел на проектот, насочена кон развој и поддршка на локалната економија, претставува креирање на интегриран, кохерентен и иновативен бизнис еко-систем.  Специфичната цел се однесува на креирање можности за вработување на младите луѓе, пред се дипломираните, преку искористување на компаративните предности на прекуграничната област, првенствено со примена на иновативни алатки и практики.

Проектните активности се дизајнирани на начин кој овозможува континуирана поддршка на малите и средни претпријатија за зајакнување и промовирање на бизнис идеите и најважно од се, помош и поддршка на младите да ги трансформираат нивните идеи во конкретни бизниси, преку зајакнување на индивидуалните квалификации на невработените лица и примена на иновативни алатки и активности од страна на претпријатијата. На овој начин, преку премостување на јазот кој постои на пазарот помеѓу понудата и побарувачката на квалификувана работа сила, веруваме дека ќе дадеме придонес кон намалување на трендот на иселување на младите, посебно квалификуваните и добро обучените, кои се повеќе одлучуваат да го напуштат прекуграничниот регион таргетиран со нашите проектни активности, во потрага по најдобрата понуда за нивните квалификации, во останати земји и региони.